пет. Јун 5th, 2020

Се е трач но има и вистина

Каменеста градина со цветен колорит

1 мин читање

Вашата градина ќе добие на отменост доколку одлучите да направете алпинетум. Најважно е да направите добар сооднос меѓу растенијата и камењата.

Градините кои имаат алпинетум се занимливи, несекојдневни и поинакви од сите други, па трудот кој ќе го вложите за да ги изградите, повеќекратно ќе ви се исплати.
Алпинетумот е каменеста градина, но каменот е само структурата, а не е главниот дел од градината. Најважно е да направите добар сооднос меѓу растенијата и камењата, па на почетокот сопственикот на градината треба да направи скица, како и замисла за алпинетумот. Во скицата треба да се осмислат сите детали – од големина на камењата до падот на земјиштето, нагиб, скали и сл. Треба да се биде реален, па ако за алпинетумот нема друг простор освен северната страна, тогаш подобро и не правете го, бидејќи алпинетумот си бара сончеви позиции – тогаш е најубав.

 

 

Треба правилно да се одберат вистинските камења од околината и да се користат исти форми и бои. Камењата се поставуват на начин да делува како отсекогаш да стоеле таму. Подобро е да се изберат неколку поголеми камења, а не повеќе мали камења. Местата за садење на цвеќињата треба да бидат хоризонтални, со цел да се спречи ерозијата на почвата по врнежи од дожд. Кај алпинетумите и камените ѕидови е многу важно соодветно да се долови природниот амбиент, односно колку што е можно поточно да се отслика планинскиот или природен пејзаж.

Садењето на растенијата не треба да биде неплански, бидејќи во тој случај, алпинетумот би претставувал голем проблем. Градини со едногодишно цвеќе, луковици и ружи, имаат постојан и стабилен ритам на цветање и прецветување, па затоа се неизбежни периодите кога не цветаат. Алпинетумот треба да се планира така да секогаш при крајот на цветање на еден вид се заменува со цветање или листање на друг вид цвеќе. Треба да се покрие периодот на цветање од рана пролет до касна есен.

Во алпинетумот се садат ниски и ползечки растенија, бидејќи перените најмногу одговараат на планинскиот пејзаж. Местата меѓу камењата треба да бидат пополнети со плодна почва, а постоечката подлога треба да се исчисти од плевел, да се посипе компост или арско ѓубриво, па дури тогаш да се прекопа. Ако алпинетумот се гради од нула, на дното треба да се стави дренажен слој на чакал, кршен камен или тула. Убавината на алпинетумот станува поголема, доколку се комбинира со имитација на речен тек. Колку е поголем наклонот, односно создадената падина, што најчесто се прави со подигнување на алпинетумот, толку е и дренажата поголема, но и брзината на течење на водната површина.

Доколку станува збор за мал пад со формирање на мала водна површина, тогаш со употреба на џуџести дрвја како што се бреза (Betula pendula ‘nana’), врба (Salix babylonica), црница (Morus alba ‘pendula’), албиција (Albizia julibrissin), се постигнува отсликување на околната вегетација во водната површина – ефект на водно огледало. Наместо вода, имитација на речна површина може да претставува песокот (како во зен градини). Покрај овие мали декоративни дрвни вариетети и форми, може да се засадат и грмушести видови: алпски врби, борот кривуљ (Pinus mugo), тиса (Taxus baccata ‘fastigiata’), топчеста смрча (Picea abies ‘conica’), зеленика (Buxus sempervirens), огнен трн (Pyracantha coccinea) и други. Во карпестите делови и близу подножјето на алпинетумот, просторот може да се озелени со следните видови: глобуларија (Globularia cordifolia), акантолимон (Acantholimon androsaceum), планинска смрека (Juniperus nana) и други.

Во приземниот (тревест) дел на алпинетумот, може да се засадат шумска јагода (Fragaria vesca), хризантеми (Chrysanthemum spp.), диво нане (Mentha spp.), чавкина уста (Antirrhinum spp.), млечки (Euphorbia spp.) и други. Доколку алпинетумот е поголем, може да се употребат одредени ползавци кои ќе прекријат дел од карпестата површина, како што се бршленот со неговите многубројни вариетети (Hedera helix) – зимзелена ползавица или партеноцизусот (Parthenocissus spp.) – листопадна ползавица.
Значи, опсегот на растенија кои може да се користат е многу голем: луковици, едногодишни и повеќегодишни зимзелени и листопадни џуџести дрвја и грмушки. Во алпинетумот мора да има засадено и карпеста трева, анемоне, каранфили, ѕвездеста мов, мајчина душица, жолтика (Berberis spp.), џуџеста смрека и туја.

Одржување – Алпинетумот може секоја година да се дополнува со нови видови на растенија. Плевелот е неизбежен во алпинетумот, па затоа треба редовно да се отстранува. Почвата треба да повремено да се прихранува и наводнува. Алпинетумот треба да доминира во градината, па затоа треба да го сместите на адекватно место кое ќе биде воочливо на прв поглед.