Вардар се пласираше во полуфиналето на Супер Глоуб

Европскиот ракометен шампион Вардар го совлада Ал Мудхар со 34-27 (17-12) во рамки на четвртфиналето на неофицијалното Светско клупско првенство, Супер Глоуб, кое се одржува во Саудиска Арабија.

Во деби настапот на новиот тренер Давид Писонеро, „црвено-црните“ ја презедоа играта во свои раце уште од стартот и на полувреме водеа со пет разлика (17-12).

Второто полувреме го почнаа со ист ритам и во 41-та минута скопскиот тим имаше предност од +10 (27-17), па рутински го доврши мечот и запиша победа од плус седум разлика (34-27).

Најефикасен беше Тимур Дибиров со шест голови, по пет постигнаа Дисингер и Чупиќ.

Во борбата за финалето, Вардар ќе се сретне со германски Кил од 16:30 часот, кој денес рутински го совлада Замалек. Претходно ќе се сретнат Барселона и Ал Вехда. (МИА)