Внимавајте: Отворените шахти се побројни, опасни и за пешаците и за возачите

Бројот на отворените шахти низ тротоарите и одделни улици во Скопје во изминатите неколку години енормно е зголемен.

Од пропаѓање во отворените шахти со поголема длабочина, минатата година беа повредени голем број минувачи.

Отворените или оштетени шахти низ одделни улици на Скопје во голема мера го отежнуваат сообраќајот, а понекогаш се причина за оштетување на возилото или пак за предизвикување сообраќајна незгода.

Необезбедените и отворени шахти и сливници се закана за безбедноста на пешаците доколку се наоѓаат на пешачките зони, но се сериозна закана за учесниците во сообраќајот ако се на некој коловоз. Кој било може сериозно да настрада и да добие некаква скршеница при движење низ градот. Вакви посериозни случаи имало, а граѓаните, иако оштетени, не знаеле кого да обвинат. Телесни повреди може да се случат, но фатално е ако некој заврши со смртни последици. Возачите, пак, исто така, доколку налетаат на некоја отворена шахта, може да настрадаат во несреќа самите или, пак, не сакајќи да повредат и други лица. Материјалните штети на возилата, секако, се дел од последиците што може да настанат по ударот во отворена шахта, пренесува Скопје инфо.

Надлежните од претпријатието упатуваат апел до граѓаните доколку забележат отворена шахта или сливник, веднаш да ја пријават на дежурниот бесплатен телефонски број на ЈП „Водовод и канализација” Скопје 0800 22 555 или на телефонскиот број 30 73 010.