ДУИ контра ДУИ: Дураку ја префрла вината на Теута за неизграден заштитен ѕид во Шипковица

Вчерашната емисија „Клик Плус-Одаја“,  беше организирана со жителите на Шипковица кои говореа за проблемите со кои се соочуваат тие во секојдневното живеење. Во живо се вклучи и Садула Дураку како поранешен министер за екологија и животна средина кој требало да го реши најголемиот проблем на жителите, а тоа е изградба на заштитен ѕид од поплави. Но Дураку при своето јавување вината ја префрли на Општина Тетово односно на неговата сопартијка и актуелна градоначалничка Теута Арифи.

„Јас бев запознаен со проблемот на Шипковица од градоначалничката на општината, Теута Арифи. Таа аплицираше со проект за кој ние од Министерството за животна средина им доделивме пет милиони денари. И тие 5 милиони денари општината не можела да ги реализира, а зошто не можела да ги реализира, јас не знам“, рече Дураку.

Тој исто така додаде дека овие пет милиони денари биле наменети за изградба на заштитен ѕид во Шипковица, а на прашањето дали знае зошто не се реализирал овој проект тој кажа дека не знае и дека ова прашање треба да се упати на Општина Тетово.

„ Овие средства беа наменети за изградба на ѕид во Шипковица, но немам информации зошто не се реализираше, за ова треба да се обратите до Општина Тетово“,  потенцираше Дураку.

Инаку пред 4 години во Шипковица се случија поплави кои резултираа и со жртви. После оваа несреќа на жителите им беше ветувано многу но се уште не е изграден ни заштитниот зид кој треба да превенира други вакви несреќи.