Најмалку 20 загинати и речиси 600 повредени во земјотресот во Албанија

Во земјотресот што ја погоди Албанија утрото загинаа најмалку 20 луѓе, меѓу кои и две деца, и повредени се речиси 600, јавија албанските медиуми.

Земјотресот беше со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала со епицентар меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси.

Во меѓувреме продолжуваат спасувачките операции.

Премиерот на Албанија Еди Рама и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша се во посета на подрачјата на Драч и на Тумана што најмногу беа погодени од земјотресот. Баша го повика Рама без одлагање да прогласи вонредна состојба во државата.

Во придружба на вицепремиерот Ерионa Брaче и министерот за внатрешни работи Сандрер Леша, Рама се состана со локалното население чии куќи се урнати во силниот земјотрес.

– Денеска, повеќе од кога било, ние стоиме со семејствата на оние кои ги загубија своите најблиски во оваа природна непогода, рече Рама.

Премиерот им упати длабоко сочувство, уверувајќи ги сите на кои членовите на семејството се уште им се заробени под урнатините дека властите прават се што е потребно за да се спаси секој човек.

Тој рече дека досега од урнатините е спасено 41 лице.