По насилствата во Каталонија, приведени 51 лице

За време на демонстрациите во каталонија, по затворските пресуди за сепаратистичките каталонски лидери, уапсени се 51 лице, соопшти денеска шпанската Влада.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, 29 лица се приведени во провинцијата Барселона, 14 во Тарагона и осум во Лериди.

Министерствот информира и дека во синоќешните насилства повредени се 72 регионални и национални полицајци, од кои некои се со скршеници.

На синоќешните протести во Барселона учествуваа 40.000 луѓе, а стотици активисти, најголемиот дел со маски на лицата, се судрија со полицијата.

Шпанската Влада соопшти и дека линијата на брзиот воз меѓу Барселона и Франција е во прекин поради саботажа.

Демонстрациите почнаа во понеделникот, откако шпанскиот Врховен суд осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор заради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година. Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.

Демонстрации се најавени и за денеска. Исто така, денеска демонстранти ќе започнат марш од пет каталонски градови со цел в петок да стасаат во Барселона, за кога е најавен генерален штрајк и масовни демонстрации.