Стотици илјадници починати во Европа поради загадување на воздухот

Лошиот квалитет на воздухот во 2016 година предизвика најмалку 400.000 предвремени смртни случаи во Европа, а речиси секој Европеец кој живее во град е изложен на загадување кое го надминува здравото ниво, се посочува во денеска објавениот извештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА).

– Загадувањето на воздухот во моментов претставува најголем ризик од животната средина, кога станува збор за здравјето на луѓето, се вели во извештајот на ЕЕА, пренесува Хина.

Авторот на извештајот и експерт за квалитет на воздухот Алберто Гонзалез Ортиз оцени дека иако нивото на опасни и штетни честички во градовите се намалува, сепак тоа не се случува доволно брзо. Тој потенцира дека се уште не достигнат стандардот на Европската унија, а сме далеку од стандардите на Светската здравствена организација.

Европската законска регулатива од државите-членки бара да го проценат ризикот од серија загадувачки супстанци, вклучувајќи озон и штетни честички и да преземат соодветни мерки. Во јули, Европската комисија од Европскиот суд на правда побара преземање мерки против Шпанија и Бугарија поради лошиот квалитет на воздухот во тие земји, предупредувајќи дека нивните власти не успеале да ги заштитат своите граѓани од загадувањето.

Во текот на 2017 година, 16 од 28 членки на ЕУ пријавиле најмалку еден случај кој упатува на тоа дека нивото на јаглерод диоксид е поголемо од законски одредената просечна годишна концентрација во ЕУ. На тој список, меѓу другите се Франција, Белгија, Холандија, Шпанија, Германија и Велика Британија.

Законски дозволената просечна годишна концентрација во државите од ЕУ изнесува 40 микрограми.