Ципрас и Мицотакис го осудија бомбашкиот напад врз ТВ Скај

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во писмена изјава, а лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис со посета на телевизијата, го осудија денешниот бомбашки напад врз телевизијата Скај.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер во во својата изјава оцени дека бомбашки напад од кукавички и мрачни сили е напад врз самата демократија, притоа изразувајќи им поддршка за новинарите и вработените во ТВ Скај.

– Бомбашкиот напад врз телевизијата Скај е напад на кукавички и мрачни сили врз самата демократија. Но, нема да ја постигнат нивната цел. Ниту да тероризираат, ниту да дефокусираат. Ја изразувам мојата искрена поддршка за новинарите и вработените во телевизијата, наведува Ципрас во писмената изјава.

Лидерот на опозициската Нова демократија, Мицотакис ја посети зградата на телевизијата и радиото Скај, изрази поддршка за вработените.

– Уште еднаш да кажам дека демократијата и плурализмот не се замолчуваат и да побарам од државата и од полицијата да ги најде сторителите за да завршиме со овие феномени на тероризам, кои за жал, одново се појавуваат, рече Мицотакис.