ТРАЧ МУАБЕТИ

Се е трач но има и вистина

Адам (lat. Alocasia odora)

1 мин читање

Адамот потекнува од Индија каде расте многу високо, но кај нас се одгледува како декоративно собно растение. Има големи срцевидни листови и цвет во зелена боја кој излегува еднаш годишно. Карактеристично е што долните листови постепено изумираат, додека централно се развиваат еден по еден нови листови.

Освен во домот може да го одгледувате и надвор ако има доволно светлина, без директна изложеност на сончеви зраци бидејќи листовите може да пожолтат. Може да го ставите и под сенка, но тогаш ќе му се издолжат лисните дршки и треба помалку да го залевате. Добро поднесува жештини и може да го чувате во простории со централно греење, но овозможете му доток на свеж воздух и редовно оросувајте го. Листовите често бришете ги со влажен сунѓер. Ако во просторијата има задимен и сув воздух, листовите ќе почнат да се сушат по рабовите.

Пресадувајте го на секои две години во поголема саксија и при тоа внимавајте да не го повредите коренот. Му одговара јака, пропустлива, плодна почва. Прихранувајте го на секои 15 дена во лето, а еднаш месечно во зима.

Адамот бара доста вода и често залевање, особено ако е во просторија со централно греење. Во лето залевајте го на секои два дена, а во зима два пати седмично. Земјата треба да биде постојано влажна, но водата не смее да останува во подлошката бидејќи може да почне да трули коренот.

Идеална температура во зима е 18°С. Внимавајте земјата и во овој период да биде умерено влажна и да не се исуши. Можно е да биде и во период на мирување, но на пролет пак ќе почнат да растат млади листови.

Се размножува со резници и делење на изданките. Резницата се отсекува со нож од матичното растение и се сади во што помала саксија. За да зажили треба температурата да биде од 20-23°С. Многу успешно се размножува и со семката која се формира во цветот.

Познато е дека адамот „плаче“, а тоа е всушност природен процес наречен гутација при кој се исфрла вишокот вода. Ова се случува кога залевањето е пречесто и во просторијата има преголема влага. Инаку, адамовиот сок е многу отровен и може да предизвика алергиски реакции.

Ве молиме пратете не и стиснете лајк:
error20
fb-share-icon0