Викендот без јавни собири, препораката продолжува и неделава- нема нови случаи на коронавирус
1 мин читањеПрепораките воведени за заштита од коронавирусот да не се одржуваат јавни собири продолжуват и неделава. Викендов беа откажани јавни собири, а се откажаа и карневалите во Прилеп и Струмица. Нов потврден случај на коронавирус во земјава нема, а жената која е на Инфективната клиника од минатата недела позитивна на вирусот Ковид-19 е во добра здравствена состојба.
Владата во петокот издаде препораката за откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации. Препораката важи до 6 март за сите, особено за оние каде се очекува присуство на голем број граѓани и каде има или се очекуваат можни присутни гости од странство. Беа откажани Струмичкиот карневал и Карневалот „Прочка“ во Прилеп, а повеќето спортски настани се одржуваа без присуство на публика.
Во сила е и препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.
Властите смируваат дека нема простор за паника, бидејќи ситуацијата будно се следи од страна на експертите епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Властите ги уверуваат граѓаните дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно.
Граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, меѓу кои и задолжително и често миење на рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете.