ТРАЧ МУАБЕТИ

Се е трач но има и вистина

Воденка

1 мин читање

Ова нежно и брзо растечко растение потекнува од планинските шуми на источна Африка и Занзибар. Неговото латинско име “Impatiens” значи нестрплив, а тоа се однесува на експлозивното отворање на зрелите плодови кои го фрлаат семето наоколу.

Постојат многу хибриди, но сите имаат сукулентни стебленца и нежни цветови кои може да бидат бели, розови, портокалови, во сите нијанси на црвена, виолетови и прошарени.

Може да го чувате во саксии и сандачиња на терасата или во градината во полусенка. Бара многу влага, но не дозволувајте да остане вода во подлошката. Во периодот на интензивен раст (мај – септември) прихранувајте го на секои петнаесет дена со течно ѓубриво за растенија кои цветаат.

Со доаѓањето на постудените денови внесете го внатре, ставете го на светло место и залевајте го само колку да не се исуши земјата целосно. Може да цвета цела зима ако температурата не падне под 15°С.

Воденката подобро цвета ако е “во тесно”, па не ја садете во големи саксии. Сите видови лесно се размножуваат со резници. Земете резница долга 8-10cm во рана пролет. Во плиток сад ставете парче дрвен јаглен и наполнете ја 2/3 со вода. Покријте го садот со целофан или најлон, заврзете го со гумено ластиче, направете дупки во целофанот и таму ставете ги резниците во вода. Кога ќе пуштат коренчиња пресадете ги во мали саксии.

Едногодишните видови кои најчесто се садат во градината (Impatiens walleriana) се размножуваат од семе, а младите растенија пресадете ги во мај.

Ако растението се издолжи, слободно одрежете ги врвовите за да добие грмушкаст изглед.