Градинките во Прилеп се подготвуваат за отворање, закажани се тестирањата
1 мин читањеШесте прилепски градинки интензивно се подготвуваат за приспособување на условите за почеток со работа. Според распоредот, тестирањето на вработените е закажано за 28 и 29 мај во пунктовите во Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Според Орце Тодороски, директор на градинките „Наша иднина“, дворовите, просториите, играчките и дидактичкиот материјал се чистат и се дезинфицирааат. Набавени се сите заштитни средства, а вработените доаѓаат на тричасовно дежурство според распоред.
-Овој период го користиме за подготвување на градинките за прием на дечиња во новонастанатите услови. Вработените се повикуваат три часа дневно на работа и тоа е ротациско дежурство во сите шест градинки, во кои вкупно се вработени 140 и 40 со договор на дело. Четирите градинки во населените места со други просторни услови не работат бидејќи нема заинтересираност во руралните средини. Во меѓувреме ги подготвуваме сите шест градинки. Техничкиот персонал ги средува, ги чисти просториите, играчките, дидактиката, се врши дезинфекција. Набавени се најсовремени средства за заштита, за дезинфекција. Ќе се набават ултравиолетови ламби за прочистување на просториите. Порачани се шест термометри на далечинско за да му се мери температура на секое дете кое доаѓа. Децата ќе доаѓаат едно по едно, во колона и на растојание, објаснува Тодороски, кој нагласи дека секој момент се чекаат протоколите.
Дел родители се скептични како сето тоа ќе функционира. Дениса Божиноска, мајка на три и полгодишно дете и вработена, изјави дека се снаоѓаат кој од најблиските да го чува нејзиниот син. Скептична е поради големите групи и дали ќе се зачува заштитата на децата.
-Во поглед на почетокот на работата на градинките сум скептична. Не знам како ќе се одржува заштитата и растојанието, особено со малите деца. Ако знаеме дека пред вонредната ситуација во групи имаше по 30 и 40 деца, не мислам дека ќе биде добро ниту за децата, ниту за другите. Колку што може, ќе се снаоѓаме, изјави Божиноска.
Кај граѓаните мислењата се поделени. Едни сметаат дека треба да се почека, други дека со внимателност, тестирање и дезинфекција да се отворат градинките, особено што дел родители немаат кој да им ги чува децата додека се на работа.
Директорот на градинките „Наша иднина“ уверува дека нема место за страв според сите мерки. Ќе се мери температура постојано, никој нема да влегува, а 90 насто од времето децата ќе го поминуваат надвор. Направен е скрининг кај родителите и засега околу една третина ќе ги носат децата. Признава дека групите беа и со по 38 деца.
-Страв не треба да има, бидејќи препораките од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство ги спроведуваме во целост. Ќе се влегува само од една врата. Ние ќе ги примаме децата и ние ќе ги враќаме кај родителите. Деновиве направивме скрининг помеѓу родителите. Од 1 500 деца, сакаат да доаѓаат 606. Поделени се на неколку групи: самохрани родители, деца со еден и со двајца вработени. Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство треба да го изготват протоколот кој се очекува да биде доставен. Инаку, престојот во градинката 90 насто од времето ќе биде надвор, во дворот, а во просториите ќе се влегува за спиење и јадење. Ќе спијат на растојание од еден и пол метар. Затоа се прскаат дворовите со заштини средства против крлежи и разни бубачки и инсекти. Всушност, да го почекаме протоколот, па ќе ги има сите детали, вели Тодороски.
Драгица Николоска, директор на прилепскиот Центар за јавно здравје, рече дека ќе се тестираат околу 250 вработени во градинките во Прилеп, Кривогаштани, Крушево и Македонски Брод, на 28 и на 29 мај.
– Ќе се направи закажување на вработените преку „Мој термин“, а тестирањето ќе се врши во веќе постојните пунктови во Центарот за јавно здсравје. Институтот за јавно здравје од Скопје заедно со Центарот изготви табеларен распоред. Тестирањето ќе биде на 28 и на 29 мај за сите вработени во градинките во Прилеп, Кривогаштани, Крушево и Македонски Брод. Притоа, треба да се почитуваат протоколите за начинот на земањето на биолошкиот материјал и носењето на личната заштитна опрема. Вкупната бројка на вработени во четирите општини е околу 250, а дневно ќе се земаат по 180 брисеви, објаснува Николоска.
Министерството за здравство најави дека градинките ќе се отворат истовремено.