„Жолтите елеци“ ја освојуваат Европа – кои се тие и што сакаат
1 мин читањеВо последниот месец медиумите се преокупирани со протестите на „жолтите елеци“ во Франција. Се започна на 17 ноември како протест организиран преку социјалните мрежи против најавата за поскапување на горивата, кој потоа постепено предизвика голема политичка криза за Владата на Макрон.
Протестите почнаа во руралните области, а потоа се преселија во Париз, каде што во текот на викендов протестираа повеќе од сто илјади луѓе. Демонстрациите во Париз се претворија во хаос, неред и насилство, а до сега загинаа дури четири лица.
Народот е револтиран од сè понискиот животен стандард, укинувањето на данок за богатите од страна на Макрон, а сега се открива дека парите од зголемните такси на горивата требало да ги покријат буџетските дупки предизвикани од укинувањето на овој данок. Поради сето тоа, народот излезе на улица.
Демонстрантите, кои на себе, како знак на распознавање, носат „жолти елеци“, задолжителни за секој возач, изворно доаѓаат од руралните подрачја. Бидејќи живеат далеку од градовите, тие треба да патуваат до 100 километри за да дојдат на работа. Голем дел од демонстрантите го сочинуваат ситни бизнисмени и занаетчии, како и работници во приватниот сектор, кои ќе бидат најпогодени од политиката на Макрон за зголемување на таксите за горивата.
Демонстрантите се и од средниот слој од населението, кој има сè понизок и понизок стандард, како и сите оние кои се чувствуваат маргинализирани. Сите тие веќе со недели порачуваат дека се осиромашени со владината политика и оти нивните извори на приход се превисоки за да бидат корисници на социјална помош, а премали за да ги задоволат своите животни потреби.
Демонстрантите своите проблеми ги адресираат исклучително до Макрон, кој притиснат од бранот насилства во метрополата, воведе мораториум на зголемувањето на цените на бензините и дизел горивата, а неговата Влада јасно стави до знаење дека ќе размисли и за повторно воведување на данок на богатство. Дали тоа ќе му помогне, ќе се види наскоро.
Најголема улога во организација на протестот одиграа социјалните мрежи, поточно Фејсбук. Дури 67 отсто од граѓаните на Франција користат Фејсбук, а 22 милиони луѓе секој ден се вклучуваат на таа социјална мрежа.
Демонстрантите се координираат преку групи, а најбројна е службената „Competeur Officiel de Gilets Jaunes”, која има повеќе од 1,5 милиони членови. Човекот кој го започна трендот на носење на жолти елеци е Гислан Кутар, 36-годишен механичар, кој сними видео и ги повика луѓето на протест. Неговото видео има пет милиони прегледи, пренесува Си-Ен-Ен.
Аналитичарите ги опишуваат демонстрантите како луѓе кои се борат за преживување од месец за месец. Жером Фурке и Силвиен Мантернах објавија дека меѓу демонстрантите се наоѓаат луѓе со различни животни приказни, па и такви со криминално досие, но, на пример, и 21-годишен магистрант по финансии, па 45-годишен разведен месар, пренесува Би-Би-Си.
– За нив зголемувањето на цената на горивата, го илустрира зголемување на сите цени и намалување на квалитетот на живот, оценуваат Фурке и Мантернах.
Нивната анализа исто така покажа дека најголема поддршка на движењето на жолтите елеци даваат гласачите на Марин Ле Пен и Никола Дипон-Ајњан.
Анкетата спроведена во четвртата недела од протестите покажа дека најголема поддршка „жолтите елеци“ уживаат меѓу приврзаниците на несоцијалистичката левица – екстремно левата Непокорена Франција (ЛФИ) и Француската комунистичка партија (ПЦФ), кај кои изнесува дури 91 отсто. Поддршка имаат и од десниот Национален собир, поранешен Национален фронт (81 отсто), но и од оние кои не се строго политички определени (77 отсто).
Во партијата на Маркон, Република во движење (РЕМ), исто така, има такви кои ги поддржуваат „жолтите елеци“, тие се 38 отсто. Бројот на тие кои се определуваат како „жолти елеци“ е стабилен и изнесува 20 отсто.
Францускиот претседател Емануел Макрон во обид да го смири гневот на „жолтите елеци“ чии често насилни протести го доведоа во прашање неговиот авторитет, најави зголемување на минималната плата и намалување на даноците за пензионерите.
Претседателот најави повеќе мерки соочен со „економската и социјалната вонредна состојба, како зголемување на минималната плата за 100 евра, ослободување од зголемување на данок на малите пензии и укинување на даноците за прекувремена работа“.
– Барам од Владата и Собранието да ги преземат сите неопходни мерки за почетокот на следната година да може да се живее од работа. Минималната плата на работниците од 2019 ќе се зголеми за 100 евра и тоа работодавачот нема да го чини многу, рече тој во своето телевизиско обраќање до нацијата, но не даде детали за таа мерка.
Дополнителните часови од 2019 година ќе се исплаќаат без даноци и такси, како и во текот на петгодишното владење на Николас Саркози. Макрон, исто така, побара од сите работодавачи кои можат, пред крајот на годината да ги наградат вработените, со надомест, исто така, ослободен од данок.
Францускиот претседател зборуваше и за пензионерите.
– Скапоценот дел од нацијата за оние кои примаат помалку од 2.000 евра месечно во текот на 2019 ќе бидат поштедени од општиот социјален придонес кој мораа да го плаќаат оваа година што беше претерано висока и неправедна обврска, рече тој. Досега само пензионерите со пензија пониска од 200 евра беа поштедени од таа мерка.
Отстапките на Макрон доаѓаат само 48 часа откако демократите водеа улични битки со полицијата во Париз, фрлајќи молотови коктели, палејќи автомобили и ограбувајќи продавници.
Маркон во понеделникот вечерта зборуваше и за 40-годишните стари проблеми и додаде дека бесот на „жолтите елеци“ е оправдан од многу аспекти и оти е свесен дека со своите изјави повредил некој од нив.
На почетокот на говорот францускиот претседател го осуди недопустливото насилство во текот на протестите на „жолтите елеци“ и вети дека за тие насилства нема да има милост. Тој исто така рече дека останува на своите реформи и одбива да воведе данок на богатство.
– Ќе одговориме на економските и општествените барања со силни мерки кратејќи ги даноците што е можно побрзо и држејќи ги трошоците под контрола, рече Маркон.
Протести на „жолтите елеци“ се појавија во неколку држави. Освен во Франција, протести беа организирани или најавени во Шведска, Белгија, Црна Гора, Холандија и Германија.
Протестите во Брисел, резултираа со апсење на стотици лица, а околу 500 демонстранти маршираа кон европските институции каде ги пречека полициски кордон. Во близина на службената резиденција на премиерот, тие ја гаѓаа полицијата со камења.
Саботните протести во Стокхолм, беа протести против договорот за миграција на ОН. Протести, исто така, се одржаа и во Гетеборг, Малме и неколку други градови во Шведска.
Во неделата вечерта се протестираше и во Црна Гора во Подгорица, на протестот организиран од опозицискиот просрпски Демократски фронт (ДФ), по повод апсењето на неговите лидери Небојша Медојевиќ и Милан Кнежевиќ.
МИА/ДНЕВНИК.ХР