Запознајте го OnePlus 6T, еден од најдобрите “Best Buy” модели
1 мин читањеОваа година во мај беше претставен OnePlus 6, а деновиве и официјално беше претставен најновиот адут на компанијата, моделот 6Т.
Во однос на претходникот, овој уред сега има поголема дијагонала на екран од 6,41-инчи (станува збор за АМОЛЕД екран), резолуција од 2280 х 1080 пиксели и можеби најдобро имплементираниот “notch” каде што е сместена предната камера со резолуција од 16 мегапиксели.
На задната страна се сместени две камери со резолуција од 16, односно 20 мегапиксели (отвор на бленда f/1.7), а треба да се напомене дека OnePlus го подобри и софтверот на камерата која што нуди далеку подобри фотографии во услови на слабо осветлување. Кога станува збор за останатиот хардвер, OnePlus 6Т е опремен со Snapdragon 845 процесор, има 6, односно 8 GB RAM меморија и 128/256 GB интерна меморија.
Покрај тоа, OnePlus 6Т може да се пофали и со сензорот за отпечатоци на прсти кој што е сместен под екранот, а можеби најголемиот минус е тоа што телефонот нема 3,5 мм влез за слушалки. Треба да се напомене дека OnePlus 6Т има батерија со капацитет од 3300 mAh со опција за брзо полнење.
Сепак, тоа што го издвојува овој модел најмногу од конкуренцијата е цената, а таа изнесува 550 долари за моделот со 6 GB RAM и 128 GB интерна меморија, за моделот со 8 GB RAM и 128 GB интерна меморија ќе треба да платите 30 долари повеќе, а најмоќниот модел со 8 GB RAM и 256 GB интерна меморија ќе чини 629 долари. На пазарот ќе се појави веќе овој месец.