Избори- можно масовно убиство
1 мин читањеНас не ни требаат итни избори, нас ни треба итен, што би се рекло, “изборен куртул” од оваа самопрогласена власт одродена од својот народ, изгубена во сопствените лаги.
Чувството на несигурност и загрозеност за својот живот кај граѓаните на Република Македонија е очекувано заради постоечкиот вирус. Народот иако е изморен од континуираната анкзиозност, не е слеп за манипулацијата со бројките на заболените, во зависност од потребите на власта. Зарем 20тина во месец март се доволни за вонредна состојба, а 20тина нови во месец мај се доволни за пропагирање за масовна излезеност на избoорите? На кого му е потребна власт по цена на човечки животи со легитимитет на излезеност од едвај 30тина проценти?
Може да очекуваме дека народот кој стравува за своето здравје нема да се изложи на ризик и да излезе на избори, зошто тогаш присилно да се стават во морална дилема да бираат помеѓу граѓанската должност и сопственото здравје?
ВМРО – ДПМНЕ во оваа морална дилема, како државотворна партија, без лицемерие како приоритет го бира здравјето на граѓаните. За оние кои се прашуваат “зошто?” издвоивме 10 работи на кои мора да се обрне внимание:
- На парламентарните избори ќе се гласа во 6 изборни единици во Република Македонија и 1 изборна единица во ДКП на Република Македонија во странство. Тоа се вкупно околу 3500 избирачки места. Согласно Изборниот законик избирачкиот одбор е составен од претседател и 4 члена и исто толкав број на нивни заменици, кои во текот на изборниот ден наизменично во смени ќе бидат присутни на избирачкото место, но не помалку од 5 во ист момент.
На секое од овие 3500 избирачки места покрај членовите на изборната комисија ќе присуствуваат и набљудувачи предложени од политичките партии, невладини организации од Република Македонија и странство како и набљудувачи од специјални мисии на ОБСЕ и ОДИХР.
Сублимирано, ова грубо значи дека на едно избирачко место, на изборниот ден, за да тече непречено гласањето, во ист момент, во иста просторија ќе бидат присутни најмалку 8 до 10 лица. Ако земеме предвид дека голем дел од изборните места, особено во внатрешноста на државата, не се поголеми од 12тина m2, тогаш логичен заклучок е дека во овие простории согласно препораките на СЗО (за еден човек во затворена просторија препорачливо е да се обезбеди простор од 1,8 m2) нема технички услови за да им биде гарантирана здравствена безбедност. Дополнителен предизвик во услови на активна пандемија со кои би се соочиле овие лица е изложеноста и безмалку непосредниот контакт со гласачите (500-1000 по избирачко место).
- Ако и покрај верските обичаи, согласно изборниот законик, лицата кои носат бурки беа должни да го откријат своето лице поради лична идентификација сега е апсурд да се дозволи гласање со маска. Поголем апсурд би било пак на гласачот да му биде наложено да ја извади и врати истата маска поради лична идентификација. И што правиме сега?
А да не гледа некој во целово ова повторно бизнис интерес, па и нема да не чуди ако наместо набавка на тестови за масовно тестирање набават согласно некој “чуден протокол за гласање”, ракавици за сите гласачи, мантили за еднократна употреба, каљачи за нозе и “швајц маски за заварување ” – по грешка ама ќе се најдат.
- Ако земеме предвид дека просечно време за остварување на избирачкото право по гласач изнесува 2 минути (1. Влез во избирачко место и проверка со УВ ламба – 10 сек., 2. Лична идентификација, пронаоѓање во избирачки список, потпис на гласачот – 40 сек., 3. Подигнување на избирачко ливче/ливчиња, прскање со спреј и упатување кон гласачки параван – 20 сек., 4. Чин на гласање, превиткување на гласачко ливче и вметнување во гласачка кутија – 40 сек., 5. Подигнување на документот за лична идентификација, напуштање на избирачко место 10 сек. ), повторно ќе го потврдиме лицемерието на Заев кој смета дека со зголемување на времетраењето на гласање од 12 на 16 часа е доволно за да се спроведе истото. Да појасниме:
- Претходно споменавме дека голем дел од избирачките места немаат просторни услови во нив, во исто време, да биде присутен во полн состав сосе набљудувачите, ниту избирачкиот одбор а камо ли и гласачи.
- Ако претпоставиме дека во просторијата ќе гласа по 1 гласач и тоа во непрекинат континуитет, тогаш за 16 часа (од 6 до 22 часот) ќе може да гласаат максимум 480 гласачи, освен ако не гласаат “сарајски-7 секунди по човек”. Чисто за потсетување избирачките места се и од по 1000 гласачи. Како го замислуваш ова Заев?
- По затворањето на гласачкото место, што правиме со луѓето што чекаат да гласаат? Дали ќе го примениме протоколот и нема да им дозволиме да влезат во просторијата или ќе го испочитуваме изборниот законик и со заклучување на просторијата сите затекнати во неа ќе имаат право да гласаат?
- На кој начин Зоран Заев мисли да го обезбеди уставно загарантираното право на гласачите кои се во државен карантин поради COVID-19?
- Како ќе го искористат правото на глас оние лица кои се во самоизолација?
- Како ќе се спроведат обуките на општинските изборни комисии и избирачките одбори, дали истите ќе бидат спремни за спроведување на фер и легитимни избори во време на пандемија без дополнителни правилници, протоколи или упатства за спроведување на истите?
- Што ќе се случи доколку член или дел од избирачкиот одбор непосредно пред денот на гласање биде заразен со COVID-19?
- Каков состав на избирачки одбор ќе спроведе гласање кај болни и изнемоштени лица?
- Што ќе се случи ако на средината на кампањата кандидат или кандидати од пратенички листи се заразат, дали ќе се прекине изборната кампања, дали ќе им биде ограничено правото да се самопретстават или пак повторно дискриминаторски ќе важат посебни правила како сега за именуваните функционери?
- И на крај кој ќе ја превземе одговорноста за најризичните категории: лица со попреченост, лица со хронични болести, лица со ретки болести, возрасни лица и кој е тој што ќе ја гарантира нивната здравствена сигурност?
Би можеле вака до задутре, ама ајде малку разум. Не е логично да се очекува дека Државната Изборна Комисија е возможно да ги уреди сите правни празнини во и онака “швајцарско сирење” – Изборниот законик. Ако некој мисли дека тие луѓе се волшебници, се лаже. Го жалам Кондарко, за се што ќе мора да исполни по наредба од шефот Заев, а добар човек е!!! Не е возможно да се донесат толку процедури, заклучоци и правилници по кои би требало да се изготват посебни брошури и прирачници и да се одржат обуки за општинските изборни комисии и избирачките одбори. Колку дополнителни средства со ребалансот на буџетот се предвидени за организирање на избори? Дали ДИК има средства и дали има законски основ за дополнителни набавки кои би биле неопходни за доорганизирање на изборниот процес, ако се земе предвид фактот дека до овој момент се завршени техничките дејствија, теренските активности тукушто почнуваат.
Организирањето на избори во вакви услови наоѓа логичка поткрепеност и разумна оправданост само кај “воените профитери” и одродени државници.
Дури и во моралната дилема лицата да одлучат да излезат на гласање, прашајте се дали вреди ризикот да изложиме на смртоносен вирус дури и едно лице?
Почитувани граѓани, ние не зборуваме за избори, ние предупредуваме на можно масовно убиство.
Колумна на М-Р Спасе Николов.