Инциденти на протестите во Солун и Атина
1 мин читањеПомали инциденти избија на протестите што се одржуваат во Солун и Атина, организирани од учениците и студентите во рамки на активностите за одбележување на 10-годишнината од убиството на Алексис Григоропулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во грчката престолнина, група маскирани лица се оддели од поворката и ја нападна полицијата со камења и предмети, на што специјалните полициски сили одговорија со солзавец и шок бомби. Според грчките медиуми, приведени се две лица.
Во инцидентите кои траеја кусо, маскираните лица нанесоа материјална штета на неколку продавници и на автобуски постојки.
Слична е ситуацијата и во Солун. Група маскирани лица ја нападнале полицијата со молотови коктели, која одговорила со солзавец и шок бомби.
Главните протести за одбележување на годишнината од убиството на Григоропулос се закажани за во 18 часот по локално време.