ТРАЧ МУАБЕТИ

Се е трач но има и вистина

Камп на иновации – натпревар на средношколци за претприемачки вештини

1 мин читање

Камп на иновации – натпревар на средношколци за претприемачки вештини ќе се одржи денеска во Делчево во организација на Џуниор Ачивмент Македонија во соработка со општина Делчево.

На натпреварот ќе учествуваат 21 средно училиште од 16 града од целата територија на земјата. Ќе се натпреваруват 100 средношколци со поддршка на 30 ментори-наставници од Скопје, Битола, Валандово, Делчево, Крива Паланка, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струмица, Македонски Брод, Прилеп, Штип, Ресен, Македонска Каменица и од Виница, додека над 50-тина поканети гости ќе го следат натпреварот.

Како што е соопштено, во претпладневниот дел, учениците ќе имаат можност да се запознаат преку низа тимски активности и со помош на 20 бизнис волонтери да го покажат своето знаење во областа на претприемништвото пред четиричленото жири. Во текот на денот учениците работат во тимови и преку пристап до интернет и технологија го користат своето знаење, применувајќи претприемачки вештини и тимска работа за да најдат иновативни одговори за предизвикот.

На гостите ќе им се обратат Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија и Горан Трајковски, градоначалник на општина Делчево.

Во рамки на програмата, како една од главните цели, Џуниор Ачивмент Македонија ги поддржува младите луѓе во стекнување практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење.

Натпреварот е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, а го реализира организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, која е основана во 1919 година. (МИА)

Ве молиме пратете не и стиснете лајк:
error20
fb-share-icon0