МВР со апел да не се употребуваат пиротехнички средства – казните од 200 до 500 евра
1 мин читањеМинистерството за внатрешни работи објави денеска соопштение во кое апелира до граѓаните да не употребуваат пиротехнички средства, што е зачестена појава во пресрет на новогодишните празници.
-МВР ги известува граѓаните дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија, се наведува во соопштението.
Министерството потсетува декла неовластената употреба на пиротехнички средства (петарди, палење ракети и други пиротехнички средства) со кои се нарушува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните се казнува со глоба во износ од 200 до 500 евра.
-Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, доколу забележат лица кои продаваат пиротехнички средства и да ги пријават на полициски службеници лично или преку бесплатниот телефонски број 192. Апелираме особено до малолетниците да не употребуваат петарди, бидејќи тие претставуваат опасност за нивното здравје, додава МВР.