ТРАЧ МУАБЕТИ

Се е трач но има и вистина

ТРАЧ МУАБЕТИ > Култура > Романот „Време за живот“ од Торенте објавен на македонски јазик

Романот „Време за живот“ од Торенте објавен на македонски јазик

1 мин читање

„Македоника литера“ од Скопје го објави романот „Време за живот“ од шпанскиот писател Маркос Хиралт Торенте, во превод од шпански јазик на Ненад Велковски.

„Време за живот“ е добитник на две високи книжевни награди: Националната награда за литература на Шпанија и наградата „Стрега“ во Италија (2014), како прв носител за најдобра странска книга.

Се работи за автобиографски роман што ја третира драматичната поврзаност меѓу татко и син, за тажните моменти и за опасните крстосници на животот. Маркос Хиралт Торенте се соочува со интимна и лична приказна: смртта на таткото. Пренесувајќи ја болката од загубата, со хипнотичка и концизна нарација, тој го реконструира односот спрема таткото, со неверојатна желба за искреност, што пак приказната ја прави потресна.

Маркос Хиралт Торенте е роден во 1968 година, во Мадрид, во семејство на уметници. Тој е син на сликарот Хуан Хиралт, внук на писателот Гонзало Торенте Балестер и внук, исто така, на писателот Гонзало Торенте Малвидо. Дипломирал филозофија. Неговиот книжевен опус не е многу голем, но има извонреден успех – тој е многу добро прифатен од читателите и од критиката и е многу наградуван. Неговото книжевно деби беше во 1995 година со збирката раскази „Разбери ме“. Во 1999 година е прогласен за еден од најветувачките автори на Шпанија, кога со „Париз“ ја доби наградата „Хералде“ за роман, а со збирката раскази „Ништо не се случува самo“ – ја доби наградата „Фурест и Рока“. За книгата раскази „Крајот на љубовта“ ја доби меѓународната награда „Бреве Рибера дел Диего“. Неговиот светски триумф доаѓа со романот „Време за живот“ (2010).

Автор е и на книгите: „Среќни суштества“ (роман, 2005), „Куентос Вагос“ (раскази, 2010) и „Промена на кожата“ (раскази, 2018). Пишува и литературна критика. Соработува со весникот „Ел паис“ – во додатокот за литература. Неговите дела се преведени на многу јазици.