Самит на ЦЕИ во Загреб
1 мин читањеВо Загреб денеска се одржува работниот дел од средбата на лидерите на 18-те земји членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Самитот официјално започна синоќа со свечена вечера за учесниците на собирот, меѓу кои е и македонскиот премиер Зоран Заев.
Како што јавија хрватските медиуми, покрај највисоките претставници на хрватските власти, учесниците на Самитот пред хотелот „Еспланада“, во кој се одржа вечерата, ги пречекаа и група демонстранти, кои протестираа против учеството на унгарскиот премиер Виктор Орбан на собирот.
Демонстрантите носеа транспаренти „ХДЗ – прва линија на Орбан“, „Депортирајте го Орбан, а не бегалците“ и „Смрди на фашизам“.
Организатори на протестите беа Центарот за мировни студии, иницијативата „Добредојдовте“ и невладината организација Граѓаните организирано го надгледуваат гласањето (ГОНГ).
– Секаме Европа и ЕУ во која подеднакво важат човековите права и подедналво важи владеењето на правото и во која нема црни оази, како што е Унгарија, каде се загрозуваат темелните вредности, изјави за ХИНА претставничката на ГОНГ, Јелена Берковиќ.
Инаку, на денешниот дел од Самиот на ЦЕИ, покрај лидерите на земјите членки на Организацијата или нивни претставници, ќе учествува и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
ЦЕИ е основана во 1989 година во Будимпешта, а нејзини сегашни членки се Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и Чешка.