Скопјани не се чувствуваат безбедни кога возат велосипед – секој ден страда најмалку по еден велосипедист
1 мин читањеГраѓаните не се чувствуваат безбедни кога возат велосипед, без разлика дали се во град или на село.
Според анкетата што минатата година ја спроведе истражувачката агенција М-Проспект, 18,8% од жителите на градовите велат дека најголем проблем при нивното движење со велосипед им е безбедноста, а во селата е дури 48%. Исто така, 10,4%од испитаниците кој живеат во град и 8,8%, кои живеат во село, го посочиле токму недостатокот на безбедност како главен виновник зашто не возат велосипед.
Скопските велосипедисти ги прашуваат институциите за тоа кој е одговорен за високиот број на жртви во сообраќајот, дали одговорните немаат доволно капацитет и волја да се справат со овој проблем, дали мерките кои се преземаат се соодветни кога статистиката покажува дека не вродуваат плод? Дали, можеби сообраќајната инфраструктура на градот придонесува кон зголемување на оваа бројка и истата бара редизајнирање во насока на поголема безбедност на сите учесници.
Според МВР билтените, дури 87,5% од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил, а останатите 12,5% се поделени на други типови на сообраќајки (велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судир на велосипед со мотор (2,5%) и судир меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%). Речиси две третини, или 63,4% од сообраќајните судири завршиле со тешки последици за велосипедистот. Со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните судири, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните судири не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите.