ТРАЧ МУАБЕТИ

Се е трач но има и вистина

Студенти измислија градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри

1 мин читање

„ГЕТ е систем од велосипед, станица и желба за чист воздух“

Основата на нивната иницијатива е на граѓаните да им се понуди нова услуга, која овозможува алтернативен начин за движење во градската средина. Целта е развивање на градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри, паралелно намалувајќи го бројот на автомобили во градскиот сообраќај.

„Фрустрацијата од состојбата со загадувањето е воедно засилена од „незаинтетесираноста“ за своеволна промена на навиките кај еден дел од граѓаните“, вели Филип Попоски, член на тимот, во интервју за Радио МОФ.

Проектот е првично наменет да им помогне на локалните власти во државата, нагласува тој.

„Суштината е на локалните власти да им понудиме систем за еден вид на изнајмување на велосипедите. Овој систем во еден дел би наликувал на ЈСП. Разликата помеѓу овој систем и некои други постоечки системи е во тоа што овој систем нуди воедна голема флексибилност и ниска цена за изведба. Корисниците би го изнајмиле велосипедот од станица за велосипеди или од локацијата на која ќе го „пронајдат“ велосипедот. Ова изнајмување за почеток се одвива со скенирање на картички со кои може да се отклучи велосипедот. Кога корисникот го отклучи велосипедот, тој може да го вози до посакуваната дестинација. По завршувањето на употребата, корисникот го заклучува велосипедот, со што завршува возењето и наплатата на услугата. Тоа значи дека наплатата зависи од патот кој го изминал при возењето на велосипедот. Разликата помеѓу паркирање на велосипедот на станицата и на одредено растојание од неа, е во наплатата. Територијата на која се користи системот е поделена на неколку зони, поделени во однос на оддалеченост од станиците, во зависност од овие зони, се извршува различна наплата кај корисникот“, објаснува Попоски.

На самите велосипеди ќе бидат поставени и филтри кои ќе го искористуваат нивното движење за да го прочистуваат воздухот.

„Самиот филтер материјал се вградува со посебни држачи на тркалото на велосипедот, а при самата ротација на тркалото го зафаќа и прочистува воздухот. Многу значаен аспект на овие филтри, покрај тоа што не трошат било каква енергија, е тоа што истите може да се монтираат на било кој велосипед, без разлика дали истиот е електричен или класичен“, појаснува Попоски.
Во развојот на нивната идеја најголема поддршка добиле од нивниот професор Иле Мирчески. Фондот за иновации и технолошки развој, пак, го награди нивниот труд во рамките на минатогодишниот „О2 Предизвикот“ .

Велосипедите ќе имаат вграден GPS и дизајн што ќе ги штити од оштетување

По завршувањето на најтешката задача, тимот сега работи на оптимизација на системот, со тоа и намалување на оперативните трошоци, а воедно и цената на велосипедот.

„Според нашите претпоставки, имајќи во предвид дека се уште има детали кои треба да се уредат, еден ваков велосипед би чинел околу 1200 евра кога би се продавал на поединечни корисници. Иако навидум тоа е висока цена за еден велосипед, таа е значително пониска од тоа што денес се нуди на нашиот пазар. Кога станува збор за цената, битно е да се напомене дека најдобро за нашиот пазар е имплементација на градски систем од кој се изнајмуваат велосипедите“, истакнува Попоски.

Тие се свесни дека во моментов нема доволно велосипедски патеки во градовите, но веруваат дека токму ваков градски транспортен систем може да помогне во подобрување на инфраструктурата за велосипедите.

„Ова лесно се остварува кога се има во предвид дека секој велосипед во системот се следи со помош на GPS, а со тоа може да се дознае кои се критичните локации на кои има потреба од дополнителна велосипедска инфраструктура“, забележа Попоски.
Досегашните обиди на локалните власти за изнајмување на градски велосипеди не поминаа успешно. Голем дел од нив беа оштетени, или пак, украдени, а не функционираа ниту станиците од каде секој граѓанин може да го изнајми велосипедот.

Според Попоски, единствен начин да се реши проблемот со оштетување на велосипедите е да се предвиди дизајн, односно кострукција која нуди максимална заштита од овие оштетувања.

„Значаен проблем кој се појави со обичните туристички велосипеди е кражбата. Овој проблем ние го решаваме со активно следење на локацијата на велосипедите преку наведениот GPS, а дополнително на тоа секој велосипед е враден со аларм, кој се активира при негово поместување кога истиот е заклучен. Нефункционалноста со станиците за изнајмување кое се јавува кај системи како оној во Мадрид, покрај подобрувањата во дизајнот и конструкцијата на станиците, се решава и со воведувањето на зоните, односно корисникот не би трпел последици доколку велосипедот не може да го постави на самата станица. Секако ќе постои и начин за активно пријавување,следење и решавање на проблемите“, најавува тој.

Па така, секој поединец којшто ќе се реши да го изнјами нивниот велосипед како превозно средство и притоа да помогне во прочистувањето на воздухот, ќе може да го полни во рамките на градот, со достапни станици за полнење на батеријата.

Во моментов немаат инвеститори, но следен чекор, вели Попоски, е да преминат кон поединечно производство на велосипеди кои дирекно ќе се продаваат на корисници. Паралелно со ова, ќе се обидат да ги убедат локалните власти за значењето на нивната идеја.

Извор: Рдио МОФ

Ве молиме пратете не и стиснете лајк:
error20
fb-share-icon0