Јапонија забранува употреба на дронови во близина на објекти на ОИ 2020
Јапонската влада планира да ја забрани употребата на беспилотни летала кај спортски објекти кои ќе бидат во функција на Летните олимписки и параолимписки игри во Токио во 2020 година.
Одлуката сè уште не е финализирана, а се поврзува со она што се случи на аеродромот во Лондон, Гетвик. На 19 декември, повеќе од 1.000 летови беа откажани поради беспилотното летало над пистата. Поради овој инцидент, повеќе од 140.000 патници не можеа да летаат или да пристигнат на време.
Два дена по инцидентот, лондонската полиција уапси две лица кои на крајот беа ослободени без обвинение.
Слична забрана ќе биде воведена и за времето на Светското првенство во рагби во 2019 година, кое исто така ќе се одржи во Јапонија.
Употребата на беспилотни воздушни возила исто така ќе биде забранета во близина на големите аеродроми. Владата на Јапонија верува дека новата мерка ќе помогне да се спречат евентуалните терористички напади и други опасни инциденти, како оние што се случија во Лондон во последниве денови.
Летната олимпијада во Токио ќе се одржи од 24 јули до 9 август 2020 година.
МИА